Мажите кои почнуваат да ја губат косата на темето веројатно имаат проблеми со срцето, се тврди во новата студија која ја спровеода јапонски научници.
Истражувањето во кое учествуваа дури 37.000 луѓе покажало дека 32 отсто од ќелавите мажи имаат поголема веројатност од коронарни болести на срцето.
Имено, по повеќегодишното истражување, научниците од Универзитетот во Токио откриле дека мажите кои почнуваат да ја губат косата на темето, често имаат срцеви проблеми. Секако, предвид е земена нивната возраст како и историјата на болестите во семејството, објави Би-Би-Си.
– Откривме дека пости врска меѓу губењето на косата на темето и ризикот од коронарни болести на срцето. Секако тоа е поврзано, меѓутоа мора да истакнеме дека пушењето цигари, високиот крвен притисок, многу повеќе го зголемуваат ризикот од срцеви болести, рече директорот на студијата Тимохиде Јамада.
Тој додаде дека младите мажи кои почнуваат да ја губат косата на темето треба да поработат на својот животен стил и да почнат да ги менуваат животните навики, да живеат што поздраво.
Сепак, лекарите истакнаа дека мажите кои ќелават не треба премногу да се загрижуваат поради резултатот на студијата.
– Потребни се уште дополнителни истражувања за навистина да се утврди дека постои врска меѓу губењето на косата и ризикот од срцеви болести. Секако, сметам дека за мажите подобро е да обрнат внимание на својот стомак, т.е. на тежината, наместо на косата. Мажите тешко можат да направат нешто во врска со тоа што ја губат косата, посебно ако е тоа наследно, но мора да знаат дека сигурно можат да ги намалат ризиците од болести на срцето така што ќе престанат да пушат, ќе ја одржуваат тежината и ќе се хранат здраво, рече др. Доиреан Мадок.