Министерот за здравство по препорака на Комисијата за заразни болести и епидемиолозите денес ќе побара затворање на сите трговски центри како мерка за заштита од ширење на коронавирусот. Мерката била договорена утрово.
„Јас денес ќе побарам целосно да се зтворат моловите. Имаме претпоставка дека тоа се места со голем ризик од ширење на инфекцијата“, рече министерот Филипче.
Синоќа на терен биле излезени инспекторите од Државниот пазарен инспекторат кои утврдиле дека генерално кафулињата и рестораните ја почитувале мерката за скратено работно време и ги затвориле локалите во 18 часот.
Министерот Филипче извести дека на состаноците посебно станало збор за пекарите, на кои им е дозволено да работат но не и да послужуваат во локалите. Инспекторите кои синоќа биле на терен го известиле министерот дека во најголем дел сопствениците на пекари самоиницијативно ги повлекле масите и столчињата за послужување.
„Апелирам пекарите да се ограничат, доколку е можно, само на шалтерско работење, да нема влегување во просториите“, рече министерот Филипче.