Прашката полиција решаваше случај на необична кражба на такси автомобил, кој бил отуѓен од страна на тројца туристи кои првобитно сакале да бидат одвезени на одредена адреса.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, таксистот кој ја заборавил мапата дома незнаејќи ја адресата каде што сакале да одат туристите, неколку пати излегувал од автомобилот на на бензиски пумпи за да види каде треба да вози.
Тоа им било сомнително на странците во такси возилото и плашејќи се да не бидат ограбени искористиле една од приликите кога возачот излегол и избегале со возилото.
Полицијата го нашла таксито неоштетено и со клучевите во возилото на адресата каде туристите, кои говореле германски јазик, сакале да бидат одвезени.
Целото недоразбирање на крајот завршило без казна за бесправно оттуѓување на имот, бидејќи и таксистот признал дека целата ситуација навистина изгледала сомнителна и со оглед на јазичната бариера дошло до недоразбирање од двете страни.