Годинашниот „Танц-фест“ ќе почне на 12. април со претставата „Надеж“ на Националниот балет од Турција во Македонската опера и балет. Вечерта на Владимир Викторович Васиљев, водечки танчер во „Бољшој театарот“, ќе му биде доделена наградата за врвни достигнување во областа на танцот „Менада“.
Ова на денешната прес-конференција го истакна уметничкиот директор на „Танц-фест“ Рисима Рисимкин.
Таа појасни дека фестивалот всушност ќе почне на 8 април, а во Македонија на 6 и 7 април ќе пристигнат Battery Dance Company од Њујорк.
– Пет од играчите кои се дел од оваа компанија ќе одат низ Република Македонија. Ќе одржат работилница во Скопје во ТЦ „Зебра“, а работилници ќе има во Битола, Струга, Тетово и Штип или ќе има околу сто учесници на овие работилници, рече Рисимкин.
Таа информира дека Battery Dance Company се формирани во 1976 година и ќе настапат со проектот “Dance to connect”. Со него, како што рече, ќе работат на едукација на млади и поврзување на деца од различни етнички припадности, односно преку танц да се создаде позитивна атмосфера и позитивност.
Според програмата на фестивалот, предвиден е настап и на Балетот од Косово. Во рамки на фестивалот низ целата година се предвидуваат повеќе работилници и претстави.
На денешната прес-конференција присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ со чија помош е овозможено доаѓање на гостинот Васиљев во Македонија.
– Соработката со „Танц-фест“ – Скопје ја почнавме пред две години. „Танц-фест“ – Скопје е препознатлив бренд кој ни овозможи да фатиме чекор со светските современи трендови на оваа уметност и тоа е настан кој скопјани со нетрпение го очекуваат секој април, изјави Тодоровиќ.