Портпаролот за надворешни работи на ЕУ, Петер Стано, на денешниот редовен брифинг во Европската Комисија, повика на итна деескалација на ситуацијата во Идлиб, Сирија, под напад на силите на Башар Ал Асад и Русија.
-Ова е многу опасен развој, високиот претставник на Твитер веќе го кажа тоа дека ескалацијата околу Идлиб мора итно да прекине, затоа што има ризик да премине во голема отворена воена конфронтација, повикуваме на деескалација, не само поради пустошот, туку и поради неверојатното човечко страдање во Идлиб, изјави Петер Стано денеска.
Тој ги отфрли шпекулациите за бегалци кои наводно тргнале веќе кон границите на ЕУ и увери дека нема никаква официјална потврда од турските власти за промена на миграциската политика.
-Што се однесува до шпекулации за миграциски движења во Турција и би сакал да истакнам дека немаме официјална најава за промена на миграциската политика, договорот ЕУ-Турција продолжува да важи и очекуваме турските власти да си ги почитуваат ветувањата, изјави Стано.
Портпаролите на Европската Комисија не потврдуваат никакви нови миграциски текови кон границите на ЕУ, во моментов европските власти ги проверуваат и проценуваат информациите и од блиску ја следат ситуацијата.