Вечерва сме собрани да и дадеме силна поддршка на идната градоначалничка на Богданци, Анастасија Олумчева и да му се придружиме на пoбедничкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски на вечерашниот митинг во Богданци.
– Заедно моежеме да направиме повеќе дела бидејќи Македонија се сака со дела и Богданци се сака со дела. Решивме да и дадеме можност на Олумчева, која е млада, но зрела личност, која внимава што збори и ветува затоа што сака да го исполни она што го ветува. По професија е архитект и добро ја познава работата што е главна во општините, а тоа е изградба на дела, порача Груевски.
Тој посочи, оти внимателно ја подготвувале програмата за општина Богданци, која ќе има многу проекти кои се најприоритетни за граѓаните, а располага со ограничен буџет.
– Нам многу ни значи да го исполниме тоа што е ветено за по четири години да кажеме со чесен образ го исполнивме она што е ветено, рече Груевски.
Главна цел, потенцира, е да се отворат нови работни места. Во тој контекст додаде, во индустриската зона во близина на Стојаково веќе се гради земјоделски откупен центар. Оцени оти има интерес и луѓе што сакаат да вложуваат и да вработуваат луѓе, но вели, потребно е само да се создадат услови.
Нагласи дека претходните градоначалници на Богданци од редовите на СДСМ ја направиле општината, според него, можеби најзадолжена по глава на жител и ја оставиле со долгови од 1,6 милиони евра, кои актуелниот градоначалник Ристо Ичков успеал речиси целосно да ги врати. Преостанатиот долг од 180 илјади евра, посочи, ќе биде вратен веднаш кога ќе се платат комуналиите за ветерниот парк.
– Затоа вниамавајте за кого гласате, бидејќи е важно наредните четири години да не бидат промашени во Богданци. Нам ни треба човек, кој ќе соработува со Владата и ние да му помагаме. Само така може да одиме напред. Со инаетење, како што правеа градоначалниците од СДСМ штета имаат само граѓаните, рече Груевски.
За приоритетни проекти во наредните четири години ги наведе реконструкција на регионалниот пат Богданци – Гевгелија со поддршка на Владата, завршување на проектот за водоснабдување „Ѓавато“, уредување на просторот кај туриситичкиот центар „Паљурци“, изградба на спортски сали, повеќенаменски игралишта …