Министерот за трaнспорт и врски Миле Јанакиески денеска најави до крајот на годинава или најдоцна на почетокот на следната целосно реновирање на 10 руинирани железнички станици во Македонија. Освен Железничката станица во Велес ќе се реновираат и железничките постојки изградени пред повеќе од 50 години и тоа во Прилеп, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино.
– Проектите се целосно изработени и се прави ревизија, а во мај годинава, документцијата ќе се достави до ЕУ бидејќи реновирањето на овие железнички станици ќе се финансира со средства од европските фондови. Кон крајот на мај и почетокот на јуни се надевам дека ќе почне и постапка за избор на градежна компанија, која ќе ги изведува работите. Воедно, сме во постапка за избор на изведувач за реновирање на железничката станица во Скопје, потенцира Јанакиески при денешната посета на железничката станица во Велес.
Тој информира дека Владата, односно Европската банка ангажирала консултант, кој прави целосна ревизија на целокупната тендерска документација за набавка на 150 вагони и шест патнички вагони. Очекуваат за три месеци да почне постапката за избор на компанија која ќе ги доставува вагоните, најдоцна во рок од 24 месеци.
Славчо Чадиев, кандидат за градоначалник на Велес од Коалицијата „За подобра Македонија“ ја поддржа оваа иницијатива на Владата и Министерстсвото за транспот и врски и изјави дека тоа ќе значи подобрување на услугите за многу велешани, работници, ученици и студенти кои секојдневно патуваат со воз за Скопје и назад.
Тој најави дека како иден градоначалник ќе се залага општината да го реконструира пристапниот пат до железничката станица и кружниот тек, да го осветлат и да го опремат со урбана опрема, како клупи и корпи за отпадоци.