Од пожарот во Ново Лисиче извлечени неподвижна жена и уште четворица, маж варел кафе на плин, му се запалил чаршафот и огнот се раширил

Од:

Од запалениот стан во Ново Лисиче пожарникарите извлекле петмина, меѓу кои една неподвижна жена и маж, кој од стресот не можел да оди па го симнувале во количка. Неподвижната жена со брза помош е пренесена во болница. Пожарот е изгаснат, а предизвикана е само материјална штета.

Командантот на скопската противпожарна бригада, Владимир Симоновски, вели дека една екипа пожарникари го гасела пожарот, а друга ги извлекувала луѓето од станот. Симоновски вели дека огнот се раширил од плинска боца на која вареле кафе.

„Мажот варел кафе на плинска боца. Се потпалил чаршафот и од таму огнот се раширил насекаде. Во соседната соба беше неподвижната жена, живее на дијализа, со апарати приврзани за неа. Ја извлековме, докторите ја прегледаа и утврдија дека ѝ треба дополнителна помош. И мажот се пожали дека не може да оди,  рече дека не му функционираат нозете поради стресот. Тој е подвижен, прво го изнесовме на балконот, а потоа го симнавме во количка. Во станот имаше петмина“, изјави за „А1он“ командантот Симоновски.

И покрај препораките во случај на пожар да не се користи лифт, станарка од зградата тргнала да излегува и се заглавила во лифтот па пожарникарите и неа ја спасувале

Од чадот, во паника биле и другите станари на зградата. Симоновски вели дека и покрај препораките во случај на пожар да не се користи лифт, станарка од зградата тргнала да излегува и се заглавила во лифтот па пожарникарите и неа ја спасувале.

Материјална штета од пожарот, Симоновски вели, има само запалениот стан. Станот до него го провериле и таму немало оштетувања, а на станот над опожарениот само прозорците биле поцрнети од чадот.

Командантот Симоновски вели дека опожарениот стан на булеварот АСНОМ  бил од четириесетина квадратни метри и преполн со мебел па главна грижа им било да ги спасат луѓето и да не дозволат огнот да се прошири во другите станови од зградата.

Пожарот го гаселе 18 пожарникари со пет возила, а пристигнале и две возила на Итна помош.

Би можело да ве интересира

Изгореа 20 станбени и комунални згради во југоисточната руска република Бурјатија

Пожар во концертна сала на Факултетот за музичка уметност „Илија Николовски-Луј“

Двајца работници се повредени во пожар во фабрика во Лештани

Пожар во фабрика за производство на погонски системи за ракети во Србија

Горан Наумовски

ВИДЕО: Пожар во куќа зад Универзална сала

Катерина Ѓуровски

Куба: Пожар го зафати градот Вињалес