На денешното рочиште за убиството на Пино Секондо сведочеше жената на која обвинетите првично и признале дека сториле убиство.
Адвокатката на обвинетата Ангела Ѓорѓиевска ја праша Анета Георгиева кога последен пат исконтактирала со неа, а таа одговори дека тоа било пред да ја затворат.
„Рече во болница сум кај татко ми, не е добар. Не ми текнува дека зборувавме за нешто друго”, рече Анета.
Таа претпоследен пат го видела обвинетиот Али Фуркан минатиот март кога биле на гости кај неа заедно со Ангела. Потоа таа и Фуркан пиеле кафе насамо во некое кафуле во „Мавровка“ и тоа била нивната последна средба.
„Прво дојде Ангела, после 10 минути дојде Фуркан. Бев толку нервозна што ме будат сабајле што ми идеше да ги фрлам низ тераса. Јас во стан од 30 квадрати живеам со две деца и ми пречи галама. Ти доаѓа некој сабајле и вели ти дојдов на кафе, како би се чувствувале вие?“, праша Георгиева.
Адвокатката на обвинетата потсети на моментот кога Фуркан и Ангела и кажале дека убиле човек.
„Начинот на којшто го кажаа тоа и како што се однесуваа и не беше баш запрепастувачки. Беа нормално облечени, најнормално се однесуваа, излезени од град и дојдени. Не беа расплакани”, рече Анета.
Обвинетата Ангела ја праша Анета дали и било нешто понудено од мајката на Пино пред да сведочи, а таа одговори “не”.
„Јас сум во судница дојдена за едно грозоморно убиство кое што го направиле тројца учесници. Дали тоа било намерно или ненамерно не знам. Тоа биле тојца млади што го оцрниле не само својот живот туку и околината. Јас не можам ниту детали, ниту ништо бидејќи не сум присуствувала. Не го познавав починатото дете ниту имав слушнато за него”, рече Анета.
„Фуркан спрема мене бил прекрасен. Секогаш знаел да помогне, да ти однесе деца на доктор со кола”, рече Анета.
„Ладна, некомуникативна, едноставно затворен тип”, вака ја опиша обвинетата.
„Зошто го штитите Али Фуркан?”, праша Ангела.
„Извини злато ама не штитам јас никого”, одговори Анета.
Анета пред две години работела во “Травел сити рент-а-кар”, каде управител бил Али Фуркан со комплетно полномошно на нејзино име.
„Фирмата е отворена негде 2015/1016, ни јас точно не знам. Си ја отвори Али Фуркан затоа што неговото тогашно девојче работеше во туризам, работевме заедно. После тоа девојчето си замина за Швајцарија, а фирмата останав да ја водам јас со негово полномошно. Тој немаше контакт со странки ниту со работата.”, рече Анета.
Девојката се викала Софија, а сега е преселена и омажена во Швајцарија.
Обвинителката Лидија Раичевиќ побара да се сослуша Блерта Поцеста која е притвореничка во истражниот затвор каде е и Ангела, бидејќи нејзиното сведочње би било од корист за судската постапка.
Одбраната на Ангела веднаш се спротивстави на предлогот на обвинителката бидејќи тие не биле во иста ќелија, но судот сепак го прифати сведочењето на притвореничката.
„Госпоѓа Маја има нудено пари на било која притвореничка…”, бурно реагираше Ангела, на што судот ја прекина.
„Блерта лично ми кажа дека и нудела пари и добар адвокат”, бурно продолжи Ангела, но нејзината адвокатка ја поучи да замолчи бидејќи тоа што го зборува не е од нејзина корист.
Судијката Ленка Давитковска следното рочиште го закажа за 13 март.
Пино Секондо беше убиен на 11 декември 2018 година. Ангела Ѓорѓиевска е обвинета дека во убиството му била соучесник на првообвинетиот Фуркан Али кој е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница.
Остатоците од телото на Секондо беа случајно пронајдени кон крајот на април минатата година.