Груевски: Исполнуваме и повеќе од ветеното

Од:

Оваа Влада отсекогаш ги поддржува земјоделците и така ќе биде во иднина зашто земјоделците се столбот на ова општество, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски на вечерашниот митинг во селото Ропотово, општина Долнени.

Потсетуваќи колку пари секоја година Владата на ВМРО-ДПМНЕ одвојува за субвенции за земјоделците, Груевски истакна дека политиката на ова Влада е се што ветува да исполни и повеќе од тоа.

– До 2006 година земјоделците кои живееја од својот труд, од СДСМ беа ставени на работ на општеството. Таа слика во која земјоделците  не добиваа ниту денар субвенции, освен последната нивна година кога земјоделците им се собраа пред владата, дури тогаш под притисок дадоа едвај 5 милиони евра. Таа грда слика почна да се менува со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ на власт, рече Груевски.

Во првите четири месеци во 2006, нагласи, направивме ребаланс на  буџетот и уште тие месеци дадовме 20 милиони евра субвенции.

– Наредната, 2007 година  нови 25 милиони евра, во 2008 нови 45 милиони евра субвенции. Во 2009 кога беше кризата ние ништо не намаливме иако другите тоа го правеа. Ниту намаливме плати во администрацијата, ниту пропадна банка, не избркавме никој од работа, ниту ги намаливме пензиите, социјалната помош, субвенциите за земјоделците. Напротив. Тогаш дадовме нови 70 милиони евра субвенции, во  2010 – 100 милиони, 2011 година земјоделците добија  115 милиони евра, а лани уште 130 милиони евра, истакна Груевски.

Оваа година, додаде, субвенциите ќе бидат 135 милиони евра, в година 140, а во 2015 година 145 милиони евра.

– ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува земјоделците, така ќе биде во иднина и затоа ја добива довербата и од Македонците, и од Бошњаците, и од Турците и од сите други етнички заедници, а СДСМ губат како и на овие избори, рече Груевски.

Барајќи ја довербата за кандидатот за градоначалник Боше Милошески, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ спомена што е направено и што може заедно со Владата да се направи за Долнени.

– Во овој период Владата успеа да ги асфалтира патните правци  од Сенокос до Мраморани, од Црнилиште до Стровија, од Слепче до Костинци, изградена е хлорната станица за водата од регионалниот систем Студенчица од кој се снабдуваат со вода за пиење 13 населени места од Долнени, Кривогаштани и Крушево.  Инвестирано е и во други проекти и убедени сме дека заедно со кандидатот за градоначалник Боше Милошески во наредните четири години може да спроведеме повеќе проекти, рече Груевски.

Обраќајќи  им се на своите сожители кандидатот за градоначалник Боше Милошески се заложи дека ќе работи за сите и само со дела ќе се покаже.

– Ова не се празни зборови, ова е програма за подобра иднина на нашата општина. Во неа има конкретни проекти за асфалтирање улици, водоводи, канализации, за реконструкција и изградба на нови училишта, за подобрување на инфраструктурата,  верувам во овој народ и чувствувам сила во него, рече Милошески.

Би можело да ве интересира

Хрватска повторно го избра Милановиќ

Предраг Петровиќ

Отворени се над 6.500 избирачки места на претседателските избори во Хрватска

Горан Наумовски

ЦИК на Грузија: Претседателските избори се сметаат за валидни

Горан Наумовски

Познати кандидатите на претседателските избори во Хрватска

Горан Наумовски

Романците пред нов историски „референдум“

Ќе се поништат ли претседателските избори во Романија, не очекувале таков резултат

Предраг Петровиќ