Австралискиот национален радиодифузер ја загуби правната битка што ја водеше околу контроверзните упади на полицијата во нивната редакција во Сиднеј минатата година.
Во јуни, полицијата изврши рација во австралиската радиодифузна корпорација (Еј-би-си) во врска со написи што се потпираа на информациите добиени од владините свиркачи за можните воени злосторства на нивни членови во Авганистан.
Рациите предизвикаа бес во јавноста и протести на разни национални медиуми.
Сепак, австралискиот федерален суд пресуди дека претресите се легални, јави Би-Би-Си.
Извршниот директор на Еј-би-си, Дејвид Андерсон, рече дека одлуката е „разочарувачка“. Тој нагласи дека рациите биле „обид да се заплашат новинарите за нивната работа“.
Полицијата ја спроведе спорната акција како дел од истрагата за вест објавена во 2017 година, врз основа на тајни воени документи, кои сугерираат дека воените сили на земјата ги испитуваат можните воени злосторства од страна на нивните припадници во Авганистан.