По двегодишна успешна соработка на заеднички европски проект, општините Невестино од Република Бугарија и Дојран од Р. Македонија завчера во Бугарија потпишаа меморандум за соработка преку културна размена во следните пет години.
Документот се потпиша од страна на градоначалникот на општина Дојран, Глигор Чабулев и кметот на општина Невестино, Димитар Стаменков, кои се заложија за понатамошна културна соработка, со можност таа да биде обновувана секои следни пет години.
Соработката произлезе како резултат на успешната имплементација на проектот „Културна размена – споделување на различностите кон заеднички културен развој“, кој беше финансиран од Европската Унија со буџет од близу 300 илјади евра.
Македонскиот партнер – општината Дојран, со донираните средства во вредност од 141.414 евра изгради летна сцена за културно-сценски и изложбени настапи, а во општината Невестино,која доби европски грант од 158.506 евра, во Бугарија изграден е културно-информативен центар.
Заедно со поддршката од републичкиот буџет, во Дојран беше извршена реконструкција на старото турско училиште во Народен музеј, со поставка на документи, експонати, артефакти од периодот на Првата светска војна, како и реновирање, заштита и обележување на воените објекти – некогашните бункери на фронтовските позиции, распослани низ територијата на општина Дојран во месноста Калатепе.
Градоначалникот Чабулев на вчерашната прес-конференција одржана заедно со партнерите од Невестино, изрази задоволство од досегашните заеднички остварувања, но и најава за продолжување на соработката на други проектни цели, каква што е реставрацијата на саат-кулата во Стар Дојран.
„Искористувањето на културните ресурси не е задача само на локалната или месната самоуправа туку и на сите граѓани од двете држави. Затоа, ја поддржувам идејата за постојана соработка на културен и на проектен план со посредство на Европската Унија“, нагласи кметот на Невестино, Стаменков.
„Основна цел на овој проект е да се создадат трајни врски меѓу општините Дојран и Невестино, и да се направи толеранција на различните етноси од двете страни на границата“, додаде бугарскиот кмет.
Специфичните цели на проектот беа фокусирани на препознавање, популаризација и заедничко изучување на културната и на фолклорната традиција и творештво, поради што беа реализирани низа гостувања на локални ансамбли, музички состави, семинари, гостувања на фестивали во двете општини. Во текот на средбите и реализираните контакти во изминатите 22 месеца додека траеше проектот, беа посочени и нови области за проширување на активноистите на зближување и пријателство, особено во секторот на спортот, туризмот и локалниот економски развој.