Прв индустриски симбол во градот, но и место за благосостојба на работниците додека “Волнарскиот комбинат – Тетекс” беше во државна сопственост и работничко самоуправање.
Оваа карактеристика е најчестата за огромниот број луѓе од Тетово кои својот животен век го поминале во некоја од фабриките што го сочинуваат комбинатот што го носеше името на народниот херој Тодор Ципоски Мерџан.
На 25 мај 1951 пуштена во работа е штрајхгарн-предилницата за влачена преѓа како првиот прозводствен капацитет.
На електро мотори и селфактори за кончење на волница работеле првите 37 работници, а почетокот бил проследен со голем народен собир.
Првиот ден се произвеле 13 килограми влачена преѓа, а до крај на годината 250 тони.
Наредната година се монтирани ткајачки развои и исткаени првите метри сурова ткаенина од сопствената предилница. Заедно со предилница и ткајачница настанала првата фабрика во 1952 година.
Најмногу вработени “Тетекс” бележи во периодот од 186 до 1988 година во време кога југословенското раководство со Милка Планинц на чело на извршен совет предвиди сите невработени лица да добијат место во државните фабрики и претријатија.
Тие две години “Тетекс” брои најмногу 8800 работници, вели Љупчо Радовски од синдикалната организација на “Тетекс”.
Грижата за работниците во поранешниот систем зазема централно место во историските монографии кои ги објавува Комбинатот.
За потребите на работниците во “Тетекс” пред самата фабрика во 1973 година првпат во градот е изградена и детска градинка.
Иако капацитетот првата година не бил целосно искористен се јавила потреба во наредните три години да се гради уште еден објект.
Многу на број се и наградите за самиот Комбинат, а како најзначајна се смета „Награда АВНОЈ“ од 1976 година за творештво и труд од општо значење за развојот на СФРЈ.
Последната нова фабрика која почнала да се гради е таа за ќебиња во 1986 година со што “Тетекс” достигнал најголема површина на вкупно 400 илјади квадратни метри.
Трансформацијата од државната сопственост во акционерско друштво е започната во 1994 година.
На 10 февруари 2020 е прекинато 69 годишното производство, а се бележи дека само 140 работници работеа во фабриката за конфекција.
“Конфекцијата како последен производствен дел не може веќе рентабилно да работи.
Во поранешна Југославија, па речиси и во сите европски земји, веќе не работи ниедна текстилна фабрика чие примарно производство било од волна и текстил, како што беше во Тетекс значи производство од предиво, ткаенини, па до готови конфекциски производи.
Нас текстилците едноставно нѐ поклопи Далечниот Исток со многу ниски цени на текстилот и не можевме да го издржиме тоа”, изјави генералниот директор на АД „Тетекс“ Глигорие Гоговски.