Македонската заедница во Албанија, според пратеникот на „Македонска алијанса за европска
интеграција“, изминатите години, се соочува со растечки тренд и континуирани напори на бугарските власти да го асимилираат нашето малцинство.
„И тогаш, ние, како Македонска заедница во Албанија, остро протестиравме, реагиравме дека сме против негирање на правата и слободите на секоја личност, група граѓани или заедница, но во овој
случај не станува збор за бугарско малцинство! Такво малцинство во Албанија не постои! Укажавме и потврдивме дека се работи за егзистенција на македонското малцинство и дека признавањето на
бугарско малцинство значи геноцид за Македонците во Албанија. Истовремено, посочивме, дека Бугарија ќе го злоупотреби своето членство во Европската унија со цел да ја продлабочи горенаведената цел: Асимилација на македонската заедница во Албанија и создавање
непостоечка бугарска заедница“, рече Стерјовски.
Стерјовски посочи дека, пред две години, Албанија го донесе Законот за заштита на правата на малцинствата, предложен од Министерството за европа и надворешни работи.
Законот според пратеникот нотира постоењето на осум национални малцинства: Грците, Македонците, Власите, Србите, Црногорците, Бошњаците, Ромите и Египтајните.
„Во законот, не пишува каде живее ова малцинство во Албанија, но Бугарија повикувајќи се на овој закон, својата пропаганда ја насочи во регионите каде што традиционално живее автохтоното македонско малцинство во Албанија: Во областите Преспа, Голо Брдо и Гора, како и во селото Врбник во Деволската област“, истакна Стерјовски.