Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) на редовното собрание усвои одлука да иницира редефинирање на моделите на финансирање на македонскиот филм. Бидејќи фелата се соочува со проблеми во финансирањето на филмските проекти, а авторите и независнитете продуценти се соочени со неизвесност, ограничувања и неможност за постојана продукција, ДФРМ бара буџетот за филм да биде стабилна ставка во државниот Буџет и да се утврдува според глава на жител. Бара и да се вратат алтернативните извори на финансирање на македонскиот филм, како и финансирање на локално ниво.
Во однос на оформување на буџетот за филм според моделот пер капита (глава на жител), Друштвото предлага минималната ставка да изнесува помеѓу 2 и 3 евра по жител. Тоа ќе претставува минимум услов за скромно, а сепак нормално и достоинствено функционирање на дејноста затоа што, како што наведува, паушалното одредување на висината на ставката за филмска дејност во државниот буџет е неодржлива.
-Дејноста зависи од проценката, стратегијата, а понекогаш дури и од „милоста“ на креаторите на буџетската политика, често без да бидат земени предвид сите околности и потреби на дејноста, како и разгледани сите аспекти и можности. Од овие причини, сметаме дека е неопходно да се приближиме кон европските политики на стабилизирање на буџетот за филм според утврдени параметри, наведува ДФРМ во отвореното писмо потпишано од неговиот претседател Игор Иванов, кое е пратено до Владата, министерствата за култура и за финансии и Агенцијата за филм.
Друштвото нагласува дека македонската кинематографија загубила значителни средстава со укинувањето на главниот алтернативен извор од кој се полнеше касата на Агенцијата за филм – давачката од три проценти од игрите на среќа наменети за поддршка на кинопроизводството, која од нејасни причини е пренасочена од филмот кон спортот.
– Предлагаме изнаоѓање нова законска рамка која ќе овозможи обезбедување доволно средства за непречено функционирање на дејноста, според европските модели и практики. Во овој контекст, дополнително предлагаме и воведување даночно ослободување, како одреден процент од данокот на добивка за инвестиции во филмски проекти од национален интерес, по пример сличен на оној кој се применува во спортот, наведува ДФРМ.
Во однос на третото барање – финансирање на локално ниво, Друштвото констатира дека локалната самоуправа недоволно или речиси воопшто не учествува во овие процеси. Смета дека секоја поголема општина во својот буџет би требало да алоцира одреден процент за кофинансирање филмски проекти, со што ќе стане поатрактивна и привлечна за филмските екипи.
– Искрено верувме дека Владата на Република Северна Македонија ќе ја воочи и разбере потребата од реформа во делот на финансирањето на националната кинематографија и ќе ја разгледа оваа иницијатива, за чие законско формализирање и имплементација стоиме на располагање, наведува ДФРМ во отвореното писмо со кое иницира редефинирање на моделите за финансирање на македонскиот филм.