По барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, собранискиот спикер, Талат Џафери, даде пауза од еден час на седницата на која треба да се расправа за Законот за Јавното обвинителство.
Мицевски побара министерката за правда, Рената Десковска пред пратениците да го образложи законот за Јавно обвинителство.
Дескоска се огласи со коментар на „Фејсбук“ и напиша дека за да се заштеди на време, одлучиле таа и пратениците од СДСМ и коалицијата да не се јавуваат за збор.
„Очигледно е дека дел од стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ е меѓу другото триесеттина од нив да се јават за реплики на мојот говор и тоа би значело дополнителни 2,5 до 3 часа со реплики и контрареплики. Затоа одлучивме ниту јас, ниту другите пријавени пратеници од СДСМ и коалицијата да не се јавуваме за збор, со што заштедуваме најмалку 8 часа дебата по нашите говори.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, самиот од говорницата свесно или несвесно призна дека најмалку месец дена веќе го објаснувам и бранам законот во јавност. Значи на сите им е јасно кои се последиците од овој закон, а најмногу на осомничените и обвинетите за криминал и корупција, па затоа е паниката и ваквите бурни реакции на одредени политички партии. Кога не им успеа планот да го “трошат” времето со реплики на мојот говор и говорот на пратениците на власта, пробуваат да “купат” време со еден час пауза“, напиша Дескоска на „Фејсбук“.