Заменик помошникот државен секретар на САД Филип Рикер уверен е дека во претстојната рунда разговори меѓу Белград и Приштина во Брисел можно е да се постигне договор за нормализација на односите, јави Танјуг.
Тој не го оспори фактот оти одлуките што треба да се донесат се тешки, но оти „српската Влада покажала оти е зрела за предизвикот на размислување за најдобрата иднина на сите граѓани“.
Високиот функционер на Стејт департментот рече дека „признавањето на Косово не е елемент на ЕУ во дијалогот“ и укажа дека „заклучил оти Европскиот совет дава јасна насока за тоа што треба да се оствари“, прецизирајќи дека Србија мора да го реши клучното прашање: пронаоѓање решение за северот и паралелните структури кои таму се наоѓаат“.
– Верувам дека таков договор е можно да се постигне, бидејќи двете страни конструктивни рабоета заедно, рече Рикер во интервју за весникот „Данас“, коментирајќи ги очекувањата на Вашингтон од претстојната рунда преговори меѓу српскиот премиер Ивица Дачиќ и премиерот на Косово Хашим Тачи на 2 април во Брисел.
– Ако нема договор, на ЕУ ќе и преостане да утврди како Србија и Косово можат да продолжат да ги остваруваат своите цели за европска интеграција. Би била пропуштена можност да се подобрат животите на сите луѓе на Косово, особено на северот, а односот на Србија со Косово би продолжил да ги одвраќа ресурсите и времето од фокусирање на економскиот развој и регионалната стабилност, додаде Филип Рикер.