Кинематограферот Самир Љума, кој заедно со Фејми Даут се потпишаа зад фотографијата во „Медена земја“ и беа наградени од Американската асоцијација на кинематографери, на денешната прес-конференција рече дека во изминативе три недели колку што престојуваат во Холивуд се дружеле со многу филмски ѕвезди.
„Ние допатувавме во Лос Анџелес уште пред три недели заради наградата од Американската асоцијација на кинематографери. Имавме можност непосредно да се дружиме и да разговараме со многу филмски ѕвезди. Ако треба да одвојам некои, најголема поддршка ни даваа актерот Хоакин Феникс, режисерот на ‘Џокер’, Тод Филипс и кинематограферот на Мартин Скорсезе, Родриго Прието. Откако ќе слегнат впечатоците ќе објавиме фотографии од овие дружби“, рече Љума на денешната прес-конференција со целата екипа реализирана со видеојавување од Холивуд.