Бомба експлодира синоќа пред домот на братот на портпаролот на грчката Влада Симос Кедикоглу, јави дописникот на МИА од Атина.
Ова е втор напад врз братот на Кедикоглу за помалку од три месеци. Рачно направената експлозивна направа била поставена пред влезот на трикатната зграда каде што се наоѓа домот и канцелариите на братот на портпаролот на грчката Влада. Во експлозијата никој не е повреден и причинета е само материјална штета.
Кедикоглу денеска ги повика политичките сили во Грција да го осудат нападот, нагласувајќи дека кукавичките напади врз неговите роднини се срамота.
Непознати лица на 13 јануари годинава упаднаа во зградата каде што живее братот на Кедикоглу и фрлија молотов коктел во влезот. Во времето на нападот тој бил дома со сопругата и нивното тригодишно дете.