Ново истражување спроведено на Универзитетот Колумбија во Њујорк сугерира дека инфекциите со вирусите и бактериите можат да имаат трајно негативно влијание на помнењето и другите когнитивни способности.
Според новите наоди, инфекциите со бактериите како што се Chlamydia pneumoniae и Helicobacter pylori, како и цитомегаловирусите и херпес симплекс вирусот (ХСВ) тип 1, биле поврзани со 25 отсто поголеми изгледи за послаби резултати на тестирањето на когнитивните способности.
Во истражувањето учествувале 1.625 испитаници на просечна возрас на 69 години.
Некои поранешни студии ваквите инфекции веќе ги поврзуваа со воспалителни процеси во организмот, промени во производството на липиди, создавање наслаги на амилоидни протеини во мозокот и други фактори кои можат негативно да влијаат на помнењето.
Американски научници додаваат дека во текот на следените осум години негативното влијание на инфекциите на когнитивните способности било поизразено кај жените и кај лицата со послабо образование и лицата кои се помалку телесно активни.