Првиот човек на Ред Бул, Кристијан Хорнер ги смирува страстите во шампионскиот тим во Формула 1, потенцирајќи дека Марк Вебер останува и понатаму да се натпреварува за нив.
Хорнер вели дека е убеден дека австралискиот ветеран ќе остане нивен возач, и покрај сериозниот инцидент со актуелниот трикратен шампион Себастијан Фетел. Германецот, и покрај тимските наредби, го претекна Вебер на трката за ГН на Малезија, по што и победи. 36-годишниот Вебер не го прифати извинувањето на својот тимски колега.
– Нема никакво сомневање дека Марк ќе остане со нас до крај оваа сезона. Тој знае дека нема никаква завера во тимот. Нашата цел беше да ја привршиме трката со максимално намалување на ризиците, а тој да победи во Сепанг. Не му дадовме одеднаш упатства на Себастијан „оди и престигни го твојот тимски колега“. Марк е доволно возрасен и свесен дека никој во тимот не сакал да го „намести“, односно да му подготви таква ситуација во која се најде – вели Хорнер, кој во ниту еден момент не споменува било каква санкција за Фетел за својата контроверзна одлука и однесување.