(ВИДЕО) Свирежи и извици пред Усје: Доста горите отпад и не труете

Од:

„Уа, катанец на ‘Усје’, „Доста нè труете, сакаме да дишеме“, „До кога ќе горите гуми и отпад“, довикуваа и свиркаа граѓаните додека менаџерот на фабриката на денешниот протест се обиде да даде изјава и да објасни дека „Усје“ не е загадувачот на воздухот во Скопје.

Револтираните граѓани што дојдоа на протестот пред фабриката прашуваа дали е точно дека тука во ноќните часови се гори сомнителен отпад, се крева црн чад и обвинија дека надлежните не преземаат никакви мерки.

„Не, нема ништо такво. Фабриката има филтри, има интегрирана дозвола. Во песокот нема олово и цинк, од каде ви се тие податоци. Дојдете и уверете се во кое време и да сакате, ќе видите дека ‘Усје’ не е причинителот за загадениот воздух во Скопје“, рече Борис Хрисафов, генерален директор на фабриката.

На денешниот протест активистите од Движењето за чист воздух го блокираа влезот пред цементарницата, како што велат, да го кренат гласот против корумпираните политики поради што не се носат закони во согласност со европските директиви. Во знак на револт пред фабриката оставија пехар, како што рекоа, за трујач на годината.

„Еве, му даваме рек од шест месеци или една година на ‘Усје’ да постави сензори што ќе ја покажуваат емисијата на штетни гасови. Нема да останеме на ова, пак ќе се собереме тука за да видиме како тие функционираат. Нема да дозволиме корупцијата и бизнис-интересите да бидат пред интересите на граѓаните“, изјави активистот Марјан Ненов.

Активистите бараат целосна забрана за каков било отпад додека не се усвојат функционални контролни механизми и директиви, поголема вклученост на граѓанскиот сектор во инспекциските надзори, како и акредитирање на лабораториите на Министерството за животна средина.

„Го повикуваме претседателот на државата како врховен командант да се справи со оваа војна бидејќи ние водиме битка за чист воздух и да изврши притисок врз политичарите што треба да создадат амбиент преку носење одлуки да имаме чиста животна средина. Да се инсталира интегриран мониторинг-систем во сите 150 фабрики, а не да ни доставуваат извешаи во табели. Ние не сме тие што тврдиме дека не се почитуваат прописите, европскиот ревизор забележува дека има пропусти“, додава Тони Никушевски од Движењето за чист воздух.

Од Движењето за чист воздух информираа дека нивните активности не запираат тука, најавија серија протести и пред другите индустриски објекти.

Би можело да ве интересира

Цементарница УСЈЕ: Неосновани, неточни и целосно паушални се обвинувањата дека сме „најверојатно најголем индустриски загадувач“ во Скопје

O2 Иницијатива: Фабриката „Усје“, најверојатно најголемиот индустриски загадувач во Скопје

Горан Наумовски

УСЈЕ: Обвинувањата против нас се невистинити, ќе покренеме правна постапка во интерес на вистината

Катерина Ѓуровски

Зелен хуман град до УСЈЕ: Никој не ви верува на провидните маипулации

Катерина Ѓуровски

Цементарница „Усје“: Не загадуваме над дозволеното, во декември немало мерења во фабриката, како што тврди Арсовска

Горан Наумовски

Итен надзор во Цементарница Усје по голем број пријави од граѓани