Лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов смета дека претседателот на државата треба да го свика Совет за безбедност за да им се дадат насоки на надлежните институции и да се формира оперативно координативно тело што ќе истражи кој и каков отпад внесува во државата зашто тоа, како што рече, тоа е најпрофитабилен бизнис и со сите зделки од увозот раководи мафијата.
Во нашата држава се внесува опасен отпад. Со загадувањето се прави своевиден геноцид врз граѓаните и се загрозува националната безбедност.
Затоа ова прашање мора да биде од највисок приоритет. Треба да се вклучи Агенцијата за разузнавање зашто отпадот, нафтата, нафтените деривати, доаѓаат од странство.
Треба да се соберат информации од странство. Треба да се вклучат одделите на МВР за организиран криминал, Финансиската полиција, УЈП и Агенцијата за национална безбедност зашто ним им се на располагање сите методи и технички средства да разоткријат евентуална злоупотреба на отпад или други енергенси што пристигнуваат во државата.
Сите тие да формираат силно оперативно координативно тело што ќе работи на попречување на загадувањето.
Ова е борба со мафијата која располага со отпадот, изјави Трајанов пред почетокот на трибината што ја организираше неговата партија.
Додаде дека и нафтата и мазутот што се користат во земјава не се според стандардите и дека деновиве, како што рече, има силни информации дека во нашата држава и во Косово се увезува масло за кое анализите на хрватските власти покажале дека е канцерогено, а илјадници тони се веќе внесени во нашата држава.
На трибината, насловена „Мафијата и загадувањето“, учествуваше и Невена Георгиевска, претставник на Граѓанската иницијатива О2, која побара Собранието итно и пред распуштањето да го стави на дневен ред предлогот за измената на Законот за управување со отпад, предложен од партијата ДОМ.
Проблемот е голем. Ветија дека ќе го стават на дневен ред на следната седница и ќе се изгласа.
За понатаму ни претстои голема борба, рече Георгиевска.
Предложената измена за забрана за увоз се однесува на отпад како енергенс, не како суровина, но понатаму, како што рече, ќе бараат повеќе.
Додаде дека проучиле многу конвенции, меѓу кои и Базелската конвенција и дека многу соседни земји имаат забрана на секаков отпад.