Братучетката на Пино Секондо денеска сведочеше во кривичниот суд. Таа раскажа за тоа како и кога ја запознала девојката која е обвинета за неговото убиство.
„Ангела му беше девојка за задоволување на сексуалните потреби”, сведочеше братучетката на Пино, Марија Трпковска.
Тој тоа самиот ѝ го имал кажано, а Марија не ја прифаќала Ангела бидејќи, според неа, таа не прилегала на нивната фамилија, односно не се дотерувала и не била средена.
Освен тоа, Пино бил свесен дека Ангела истовремено се гледала и со други момчиња.
Кога братучетка му Марија му предочила на Пино дека Ангела не е девојка за него, тој ѝ одговорил дека „долу нема очи”.
Еден ден пред да исчезне на својата братучетка ѝ рекол „аман веќе од оваа”, мислејќи на Ангела, која упорно му пишувала и барала да се видат.
Пино и неговото друштво на Ангела ѝ го имале дадено прекарот „ќоравата“.
Братот на осомничениот за убиството на Пино Секондо исто така денеска сведочеше во кривичниот суд.
Тој рече дека не ја познава второосомничената Ангела Ѓорѓиевска и дека не знаел ништо за убиството, сè додека полицијата не дошла во нивната куќа.
„Сè што знам за убиството е од медиумите и од емисијата ‘Код’”, рече Бурхан Али.
Судијката Ленка Давитковска следното рочиште го закажа за во вторник.
Пино Секондо беше убиен на 11 декември 2018 година. Ангела Ѓорѓиевска е обвинета дека во убиството му била соучесник на првообвинетиот Фуркан Али, кој е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница.
Остатоците од телото на Секондо беа случајно пронајдени кон крајот на април минатата година.