Велика Британија на полноќ ја напушта ЕУ

Од:

Велика Британија вечерва на полноќ ќе излезе од Европската унија, 1.317 дена откако Британците на референдум одлучија да ја напуштат ЕУ, и веднаш ќе влезе во 11-месечен период на транзиција.

Во преодниот период, Велика Британија ќе продолжи да ги почитува правилата на ЕУ и да уплаќа пари во буџетот на Унијата, а Брисел и Лондон ќе треба да се договорат какви ќе бидат нивните идни односи.

За време на транзицијата, повеќето работи ќе останат исти, но ќе има и промени.

Сите 73 британски европратеници автоматски ќе ги загубат своите места во Европскиот парламент затоа што Британија ќе ги напушти сите европски институции и агенции.

Сепак, за време на периодот на транзиција, Европскиот суд на правдата се уште ќе го има последниот збор во правните спорови.

Британскиот премиер Борис Џонсон ќе мора да биде посебно поканет доколку сака во иднина да им се придружи на останатите лидери на самити на Советот на ЕУ. Британските министри исто така нема да присуствуваат на редовните состаноци на ЕУ.

Велика Британија ќе може да почне разговори со земјите низ светот за поставување нови правила за купување и продажба на стоки и услуги, затоа што додека беше членка на ЕУ, не смееше да одржува формални трговски преговори со земји како што се САД и Австралија.

Склучувањето трговски договор меѓу Велика Британија и ЕУ е приоритет, за да не бидат потребни дополнителни трошоци за стоки и да нема други трговски ограничувања ќе заврши периодот на транзиција.

Ако се постигнат некакви трговски договори, тие нема да можат да се применуваат додека не се заврши периодот на транзиција.

Ќе се смени и бојата на британските пасоши, и тие по повеќе од 30 години повторно ќе бидат сини со елементи на златна боја, какви што првпат се користеа во 1921 година. Меѓутоа, постоечките бордо пасоши и понатаму ќе бидат валидни.

Денеска во оптек ќе влезат околу три милиони соодветни монети од 50 пени со датумот „31 јануари“ и натписот: „Мир, благосостојба и пријателство со сите народи “.

Тимот што ги водеше преговорите меѓу Велика Британија и ЕУ и подготви во случај да не биде постигнат договор, ќе биде распуштен на денот на Брегзит. Тимот за претстојните разговори ќе биде сместен во Даунинг стрит 10.

Германија нема да екстрадира свои граѓани во Велика Британија, односно нема да биде возможно осомничени сторители на кривични дела да бидат вратени во Велика Британија доколку избегаат во Германија, затоа што Уставот во Германија не дозволува екстрадиција на сопствени граѓани доколку не се работи за земја членка на ЕУ.

Во преодниот период многу работи ќе останат и исти.

Авионите, бродовите и возовите ќе сообраќаат вообичаено, а и во периодот на транзиција, државјаните на Велика Британија ќе чекаат во редовите резервирани само за земјите-членки на ЕУ.

Додека не им истече важноста, возачките дозволи и пасошите за домашни миленици ќе бидат валидни, а ќе важат и европските картички за здравствено осигурување и ќе можат да се користат во која било земја-членка на ЕУ, како и во Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, и ќе важат за време на транзицијата.

Во периодот на транзиција ќе се применува и слободата на движење, така што државјаните на Велика Британија и понатаму ќе можат да работат и да живеат во ЕУ како и сега. Истото се однесува на државјаните на членките на Унијата кои сакаат да живеат и работат во Британија.

Државјаните на Велика Британија кои живеат во ЕУ ќе продолжат да добиваат државна пензија како , а ќе го добиваат и годишното зголемување.

Велика Британија за време на преодниот период ќе продолжи да придонесува во буџетот на ЕУ, а трговијата меѓу Велика Британија и ЕУ ќе продолжи без воведување дополнителни трошоци или проверки.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Британскиот министер за одбрана: Очекуваме САД да ја поддржат Украина се додека е потребно

Високи британски функционери подготвија детален план во случај на смрт на познатиот мачор Лери од Даунинг Стрит

A1on

(ВИДЕО) Гори историската зграда Сомерсет во центарот на Лондон, пожарот го гаснат стотина пожарникари

A1on

(ВИДЕО) Нови немири во Британија, демонстрантите фрлаа со камења врз полицијата, има повредени

Горан Наумовски