Милевски: Наш приоритет се граѓаните, нов закон со кој ги исполнуваме нивните потреби

Од:

Со поддршка на швајцарската Влада во рамките на проектот Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, Министерството за локална самоуправа веќе втора година воспоставува пракса на планирање на развојот со вклучување на граѓаните.

– Ова е прв регионален форум во Полошкиот плански регион оваа година и е можност на едно место локалните власти, граѓаните и бизнис секторот да разговараат за развојните приоритети и за начините за решавање на прашањата кои што се од интерес на граѓаните од повеќе општини, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Тој објасни дека преку организирање повеќе форумски сесии се отвора инклузивен процес на консултација. Можност за учество имаат сите граѓани, претставници на бизнис заедницата и на јавниот сектор. Идејата е сите заедно, во амбиент на конкуренција на идеи да ги дефинираат развојните приоритети во регионот.

-Ова е најважниот дел од планирањето. Со пристап од доле нагоре, се стеснува просторот за политичко и за партиско влијание, затоа што сите јавни политики се креираат за да ги решаваат проблемите на граѓаните и да ги подобруваат условите за живеење.
Рамномерниот развој на државата треба да биде императив во спроведувањето на развојната политика. Нашата држава е пример на исклучително големи развојни разлики меѓу планските региони, а уште повеќе меѓу општините и во самите општини- меѓу урбаните и руралните населени места, објасни Милевски.

Тој рече дека како министер за локална самоуправа, негов приоритет е рамномерниот развој, преку подинамичен развој на планските региони и на општините.

-Затоа пристапив кон подготовка на нов закон, кој што на последната седница го усвои Владата и е доставен до Собранието на усвојување.

Со новиот закон за рамномерен регионален развој, Форумите стануваат задолжителен консултативен механизам при утврдувањето на приоритетните проекти во планскиот регион. Согласно Законот, Центрите за развој ја подготвуваат предлог листата на приоритетни проекти, а Советот на планскиот регион ја усвојува. Сега ќе биде законска обврска предлог листата на проекти да се дефинира врз основа на претходна консултација со организирање на регионални форуми. На овој начин развојот на планскиот регион ќе се планира врз основа на идеите и потребите на граѓаните и на бизнис заедницата.

Затоа ве повикувам и сега и во иднина активно да се вклучите во овој процес и да дадете ваш придонес, затоа што вие најдобро знаете што ви е потребно, како да се поттикне развојот на планскиот регион, да се создаде подобра бизнис клима, повеќе можности за вработување или самовработување, подобри услови за живеење, порача Милевски.

Според него за оваа година, за проекти за рамномерен регионален развој што ќе ги финансира Министерството за локална самоуправа, во Буџетот на државата се издвоени 8 милиони евра, или 1 милион повеќе во однос на минатата година. Задржан е трендот на постојано зголемување на средствата за оваа намена, иако потребите на општините и на планските региони се поголеми.

– Буџетот на државата како и буџетот на општината не се ништо поразлични од семејниот буџет. Секогаш парите се помалку од потребите. Но, ако граѓаните бидат информирани на време кои се можностите, ако бидат прашани што им е најголем проблем и како може да се реши, полека, полека, проблемите ќе се решаваат. Не сите одеднаш, но важно е да има постојана консултација и отчетност.Граѓаните треба да учествуваат, да покажат активен однос во процесите на донесување на одлуки и да ја контролираат власта. Властите пак треба да бидат транспарентни и оттчетни. И пред се отворени во комуникацијата со граѓаните, порача Милевски.

Исто така со средства од швајцарската Влада и од Министерството за локална самоуправа, во Полошкиот плански регион ќе биде финансиран проект во вредност од 150 илјади швајцарски франци.

-Дополнително ќе финансираме и уште по еден, иновативен проект во секој плански регион. Тоа го направивме и минатата година.
Оваа година за сите осум плански региони за овие проекти се обезбеди вкупно 1 131 164 швајцарски франци од кои 51% од швајцарската Влада, а 49% од Министерството за локална самоуправа. Тоа значи дека покрај буџетските средства од Програмата за рамномерен регионален развој се обезбедуваат и други средства со поддршка на донаторската заедница. Секогаш постојат и други можности, ако знаеме и ако сме доволно посветени и конкурентни да ги искористиме. Тоа важи и за институциите и за граѓаните, заврши Милевски.

Би можело да ве интересира

ЛДП предлага отповикување на градоначалници и широка расправа по однос на Законот за локална самоуправа

ВМРО-ДПМНЕ: Локалната самоуправа има три пати повеќе доверба од народот за разлика од власта

Пенов: Со изградба на стационар Владата го решава проблемот со бездомните кучиња во девет општини во Вардарскиот регион

Ана Ололовска

Пенов: Не сме задоволни од ангажманот на општините во прибирањето на сопствените средства

Ана Ололовска

Пенов: Со барањето за „заедница на албанските општини“ некој сака да лови политички поени

Ана Ололовска

Димитровски поднесе оставка од функцијата заменик-министер за локална самоуправа

Ана Ололовска