Во тензична атмосфера, со довикувања и дофрлања од место започна јавната презентација за Деталниот урбанистички план за Маџир Маало, откако дел од граѓаните побараа да се одложи расправата. Според нив, планот им бил доставен преку ноќ, односно само еден ден пред расправата, при што обвинија дека Општината на брзина сака да донесе план со кој се предвидува изградба на околу 50 згради и неколку хотели.
„Ја кршите процедурата. Ова е дискриминација. Оваа презентација ви е ништовна и надвор од владеењето на правото. Како се осмелувате да ни закачите овде план кој немавме време ниту да го видиме“, рече една од присутните граѓани на презентацијата.
Во обид да се прекине расправата и гласното викање во салата, општинарите повикаа обезбедување.
„Ни носите обезбедување, нема потреба. Сами ќе ја напуштиме салата. Ова е неприфатливо за нас“, рече друга жителка на Маџир Маало.
Во салата дојде и градоначалникот Саша Богдановиќ, кој се обиде да ја смири топката, но безуспешно. Ситуацијата уште повеќе се вжешти откако тој предложи планерката да го претстави планот, па потоа да се достават забелешки.
„Ви дадовме забелешки, имате петиција со 388 потписи. Но, очигледно не ви е важна волјата на граѓаните. Интересот е над сè. Го делите планот на два дела, а всушност идејата е да се изградат хотелите. Кажете го тоа јавно. Ние нема да отстапиме. Не прифаќаме ваков ДУП, направете нов со нашите барања и повикајте нè на нова презнетација“, рече револтираната граѓанка на Маџир Маало.
Откако не успеаја да се договорат, половина од присутните ја напуштија салата, а дел останаа да ја слушнат презентацијата за предлогот за ДУП. Како што беше соопштено, во овој дел на градот дел од забелешките биле прифатени, односно бил намален бројот на хотелите и планираните објекти биле претежно згради за домување. Воедно била намалена и катноста од 6 на 5 ката, плус поткровје.
Оваа јавна презентација е втора по ред, откако во ноември жителите на Маџир Маало се организираа во граѓанска иницијатива „Сплотени за Маџир Маало“ и побараа нова јавна анкета во која бројот на хотели ќе биде сведен на минимум и тргната изградбата на булеварот Крушевска Република, кој поминува низ повеќе имоти кои граѓаните со години не можат да ги легализираат и да стопанисуваат со нив.