Славчо Чадиев, кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ на општина Велес изрази задоволство за спроведените Локалните избори и благодарност за, како што вели, големата поддршка што му беше дадена нему и на неговата политичка партија со освоените 15.110 гласа.
За мене како кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ 15.110-те гласа претставуваат гласови за чесна и посветена работа. Овие гласови се гласови за новите дела, ова се гласови за 117-те нови проекти за Велес. Вака големата поддршка од граѓаните е потврда за позитивниот пристап кој го имавме во текот на изборната кампања. Наша постојана цел е на граѓаните да им ја понудиме визијата за развој и напредок на Велес, преточена во нашата изборна програма, рече Чадиев на денешната прес-конференција.
Тој најави дека во наредниот период, се до вториот круг од локалните избори на 7 април, ќе продолжи со пристапот на директна комуникација со сите граѓани и структури од општеството за да ја побара нивната поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и за него како кандидат за градоначалник во вториот круг од изборите.
Ја барам вашата доверба за искрена и плодна соработка со Советот на Општина Велес во кој мнозинството го има ВМРО-ДПМНЕ. Заедничката соработка, соработката меѓу нас, меѓу општината и Владата ќе донесе подобра иднина за сите, рече Славчо Чадиев.