Кандидатот за градоначалник на општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ Владимир Тодоровиќ очекува победа во вториот изборен круг.
На денешната прес-конференција изрази благодарност за поддршката што нему му ја дале граѓаните во првиот круг на локалните избори и на советничката листа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
– Поддршката на граѓаните е резултат на успешниот мандат кој го имавме изминатите четири години, кога реализиравме голем број проекти, како во сферата на комуналната инфраструктура, така и во сферата на образованието, грижата за пензионерите, младите и социјално маргинализираните групи. Досега реализиравме над 228 проекти, рече Тодоровиќ на денешната прес-конференција.
Тој потсети дека во општина Центар веќе се реконструирани и изградени пет булевари, „Илинден“, „Партизански одреди“, „Кузман Јосифовски-Питу“, „Теодосиј Гологанов“, „Климент Охридски“, над 60 улици, поставена е целосна инфраструктура на над 40 улици, отворени се нови пет пензионерски клубови…
Тодоровиќ изрази разочарување од односот и кампањата на неговиот противкандидат Андреј Жерновски.
– И во првиот круг, а и сега, тој се служи со крајно ниска кампања, со лаги и измислици, обидувајќи се на тој начин да изманипулира со гласачите. Самиот факт што Андреј Жерновски се одлучи да лаже за работи кои се лесно проверливи и достапни за јавноста и медиумите говори за неговиот страв дека ќе ги изгуби изборите, рече Тодоровиќ и додаде оти Жерновски нема дела зад себе и не нуди реална програма.
Жерновски, смета Тодоровиќ, и денеска покажа ниско ниво на политичка култура, очигледно обидувајќи се да ја заобиколи волјата на граѓаните на Центар.
– Тоа значи дека Андреј Жерновски се плаши од соочување со народот во втор круг. Разликата во гласови која постои во првиот круг е мала, за една толку голема општина како што е Центар. Нашата поддршка расте и веројатно тоа е причината поради која Жерновски е нервозен и вака бесмислено реагира, истакна Тодоровиќ, притоа повикувајќи го Жерновски да води позитивна кампања.