Директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазар Поповски денеска приперди прием за ракометниот клуб Металург по повод нивниот успех и пласманот во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Ова е воедно најдобар резултат на една машка екипа во ракомет во евро куповите.
– Горди сме на резултатите на Металург бидејќи ова е нешто што се гради повеќе години. Овој колектив е собир на домашните ракометари, засилени со играчи од странство. Металург е место каде покрај првиот тим тренираат и голем број млади, а овој успех е воедно и најдобра порака која може да се испрати за најмладите, истакна Поповски.
Предводникот на првиот тим на Металург, Лино Червар рече дека е чест да се биде во „куќата на спортот“.
– Добиваме подршка од цела Македонија и се грижиме за младите бидејќи тие се најголемата инвестиција. Салата во Автокоманда е ракометен дом за нашите деца, порача Червар.
За противникот во четвртфиналето екипата на Киелце од Полска, Червар изјави дека по двата пораза во групата останува Металург да се надева на поговорката „трета среќа“.
– Нема да се предадеме. Со позитивни мисли ќе влеземе во двата дуела и ќе се обидеме да направиме сензација од квалификации да стигнеме на „фајнл фор“, а после ќе има „македонска инвазија“ во Германија, нагласи Червар.