Тимот на „Медена земја“ беше дел од настан во театарот Долби во Холивуд организиран од американската Академија за филмски уметности и науки во пресрет на доделувањето на Оскарите што ќе се одржи на 9 февруари.
Режисерката Тамара Котевска на „Фејсбук“ објави заедничка фотографија со познати холивудски ѕвезди, меѓу кои и Леонардо ди Каприо.
„Да биде јасно. Јас не стоев до него. Тој стоеше до мене. Имам две номинации оваа година“, се пошегува Котевска за фотографиите на кои стои до Ди Каприо.
На официјалните профили на Академијата на социјалните мрежи е објавена и групна фотографија од сите номинарини за Оскар оваа година, меѓу кои и Ал Пачино, Бред Пит, Роберт де Ниро, Шарлиз Терон, Квентин Тарантино…
„Медена земја“ има две номинации за Оскар – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм. Филмот е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, во продукција на Атанас Георгиев, кој е и монтажер. Кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума кои ја освоија наградата за најдобра кинематографија за документарен филм на 34 доделување на ASC (The American Society of Cinematographers) наградите.
Меѓу петте номинирани за најдобар документарец се и „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Доба на демократија“ и „За Сама“.За најдобар странски филм, покрај „Медена земја“, номинирани се и „Корпус кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција, „Болка и слава“ од Шпанија и „Паразит“ од Јужна Кореја.
Прв пат во историјата на Оскарите, се случува документарен филм да биде номиниран во две категории.