Талибанците објавија дека урнале авион на американската армија во централната авганистанска провинција Газни денеска и дека сите луѓе во него загинале.
Авионот, бил во разузнавачка мисија, и е соборен во подрачјето Сао Кел во областа Дех Јак во провинцијата Газни, изјави за западни медиуми Забихулах Муџахид, портпарол на Талибанците.
Сите лица во авионот, вклучително и високи офицери, загинаа, рече Муџахид.
Претходно денеска, висок претставник на одбраната, надлежен за истрагата, рече дека ниту еден американски државјанин не загинал во авионот и додаде дека тие се уште ја испитуваат причината за несреќата.
Никој во американската војска не беше достапен засега за коментар, нагласуваат западни медиуми.
Информациите за паднатиот авион се непрецизни и контрадикторни – се спекулираше дека патнички авион се урнал, не се знаело на која компанија и припаѓал или колку патници имало во него.
Првично се зборуваше дека станува збор за авион на државната авганистанска компанија „Аријана ерлајнс“, но извршниот директор го негираше тоа.
Областа Дех Јака е главно контролирана од талибанците и се наоѓа на неколку стотици километри јужно од Кабул.