Ивица Коневски, кој според првичните податоци од вчерашните локални избори е повторно избран за градоначалник на општина Аеродром, денеска им се заблагодари на граѓаните за дадената поддршка.
Довербата што ми ја укажаа граѓаните значи и голема одговорност и затоа Општина Аеродром од денеска продолжува со своите активности и со реализација на зацртаните проекти во изборната програма, изјави Коневски.
Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром наведуваат дека Ивица Коневски како кандидат за градоначалник од коалицијата „За подобра Македонија“ победил во сите 77 избирачки места, а убедлива победа е постигната и во Советот на општината каде се освоени 17 советнички места наспрема 10-те на опозицијата.