Германскиот производител на автомобили „Опел“ соопшти дека ќе го забрза процесот за затворање на фабриката во Бохум, која е една неговите клучни фабрики во Германија, до крајот на 2014 година, односно порано од претходно планираното.
Ваквата најава следи откако синдикатите го отфрлија предлогот фабриката во Бохум да остане отворена до крајот на 2016 година, во замена за замрзнување на платите и други мерки за штедење.
– Предвидуваме дека производството ќе биде прекинато порано, уште во 2014 година, изјави претставник на „Опел“.
Во рамки на договорот постигнат кон крајот на февруари со американскиот гигант „Џенерал Моторс“, кој е сопственик на „Опел“, германската компанија понуди да продолжи со производството на автомобили во Бохум до крајот на 2016 година, а потоа фабриката да продолжи да произведува автоделови и да функционира како логистички центар со 1.200 вработени, наместо сегашните 3.200.