Бразилскиот министер за култура Роберто Алвим е сменет од функцијата бидејќи во видео порака за новата политика за културата парафразирал говор на министерот за пропаганда во нацистичка Германија, Јозеф Гебелс.
Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро го смени десничарот Алвим по реакциите на еврејските организации, пратеници, политички партии и уметници. Тој истакана дека Алвим е сменет поради „несреќна изјава, и иако се извини, не може да остане на функција“.
Алвим изјави дека го осудува нацизмот и демантираше дека неговите изјави се нацистички, истакнувајќи дека станува збор за „реторичка случајност“.
И во говорот на Алвим и на Гебелс се наведува дека уметноста „во следната деценија ќе биде херојска“ и „ќе биде национална“, исто така е идентична изјавата – „уметноста или длабоко ќе биде поврзана со нацијата или нема ништо да биде“.
На снимката Алвим говорејќи за „историскиот културен препород“ за да се „создаде нова, растечка бразилска цивилизација“, пред него има дрвен крст, а во позадина се слуша музика од една опера на Рихард Вагнер.
Првиот Евреин на местото претседател на бразилскиот Сенат, Дави Алколумбре истакна дека говорот на Алвами е „шокирачки инспириран од нацизмот“, додека поранешниот министер за култура Марсело Калеро изјавата ја оцени како „многу директна и бесрамна апологија на нацизмот“, а видео-снимката дека „емулира наци-фашистичка естетика“.