МОСТ: Многу неправилности и нарушувања

Од:

Граѓанската асоцијација „МОСТ“ на оние гласачки места каде има свои набљудувачи евидентирала неправилности како прекин на гласањето, групно гласање и читање на глас на имињата на гласачите.

На попладневната прес-конференција од МОСТ информираа дека на гласачкото место 1917 во струшкото село Велешта забележано е групно гласање и присуство на неовластено лице кое им помагало на гласачите позади параванот. По пристигањето на полицијата лицето заминало.

Во општина Велес на гласачкото место 2158 гласањето било прекинато 35 минути поради забелешка од претставник на политичка партија дека недостасува гласачко ливче. По утврдувањето на ИО дека се е во ред со гласачките ливчиња, гласањето продолжило.

До прекин во гласањето од 30 минути дошло и на гласачкото место 0648 во општина Демир Хисар каде гласач откако го земал материјалот за гласање отишол зад параванот по што во афект ги оштетил ливчињата и со нив заминал. Полицијата го понашла, му ги одземала ливчињата и ги вратила во кутијата.

Прекин на гласањето од 10 минути имало и на гласачкото место 0931 во општина Кратово поради скршен печат. Откако печатот е поправен гласањето продолжило. На ова гласачко место имињата на гласачите се читаат на глас.

Поради гужва на гласачкото место и читање на глас на имињата на некои од гласачите имало прекин во гласањето и во гласачкото место 0845 во општина Кочани. По реакција на ОИК, изречено е предупредување до претседателот на ИО и гласањето продолжило.

Читање на глас на гласачите е забележано и во општина Аеродром на гласачкото место 2692. По реакцијата од набљудувачите на подносителите на листите, имињата се читале потивко. На набљудувачот на еден од подносителите на листи, од страна на ИО му е одземен списокот на кој ги евидентирал имињата на лицата кои го оствариле своето право на глас.

Набљудувачите на МОСТ евидентирале читање на глас и на следните гласачки места: 2809 и 2816 во општина Центар, како и 2638, 2642 и 2650 во општина Карпош.

Во општина Центар на гласачкото место 2860 по грешка на гласач му се дадени две ливчиња за Совет на Град Скопје. По увидената грешка на гласачот му е наложено едното ливче да го направи неважечко и да го покаже пред ИО. Гласачот одбил да го стори тоа и ги пуштил двете ливчиња во кутијата.

Во општина Кавадарци на гласачкото место 0674 општина забележано е како гласач го слика гласачкото ливче, при што му се одземени двете ливчиња и личната карта и повикана е полиција. Гласањето продолжило.

На гласачкото место 1584  во општина Радовиш забележани се неовластени лица кои сим сугерирале на гласачите како да гласаат. По реакција на претставник на политичка партија биле отстранети.

Некористење на УВ ламба во повеќе од 20 случаи имало на гласачкото место 1966 во општина Тетово, а на гласачкото место 2731 во општина Аеродром, член на ИО ставил 4 гласачки ливчиња во ташна, на што реагирал претседателот на ИО. При претресот на ташната најдени се само 3 ливчиња. Повикана е полиција, а гласањето било кусо прекинато.

Од МОСТ истакнуваат дека е забележана и појава на набљудувачи кои само со акредитации од ДИК кои се преставуваат како набљудувачи на МОСТ.

– Напоменуваме дека на овие избори единствени овластени набљудувачи на МОСТ се оние граѓани кои покрај акредитацијата од ДИК имаат овластување од МОСТ и носат жолта маичка на која е испишано Мониторинг 2013, нагласуваат од МОСТ.

Би можело да ве интересира

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар

Анкети: Екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија победи на изборите

ВИДЕО: Го натераа Џо Бајден да стави капа „Трамп 2024“

Единствена Русија прогласи победа на регионалните избори