Судскиот совет на Република Северна Македонија, во периодот на работа септември-декември 2019 година, ја зголемил својата активност со редовно објавување реакции и соопштенија до јавноста во врска со актуелни случувања кои влијаат на независноста на судството. Оваа констатација е дел од последниот квартален извештај на Институтот за човекови права (ИЧП), каде меѓу друго се вели дека за поважните информации, кои требало да стигнат до пошироката јавност Судскиот совет треба да испраќа реакции/соопштенија и директно до новинарите.
– Соопштенијата за одржување седница редовно и навремено се објавувале на веб страницата на Советот. Соопштенијата кои се објавувале по секоја седница за донесените одлуки на седниците се навремени и содржат подетални информации од претходно. Пред секоја поважна седница претседателот на Советот одговарал на новинарски прашања. Во оваа насока има подобрувања од аспект на давање подетални одговори од претседателот и неодбивање одговор и за поделикатни прашања. Судскиот совет ги објавувал огласите и одлуките за избор. Одлуките за разрешување судија и претседател на суд не се објавувале, со образложение дека роковите за жалба не се поминати. Сепак, за задоволување на интересот на јавноста, особено во период на зголемена недоверба во судството, од особена важност е овие одлуки да се објавуваат анонимизирано, се вели во последниот извештај на ИЧП.
Дел од овој извештај е и работат на судовите во Република Северна Македонија, кое се разгледува од страна на Советот, каде се истакнува дека за второто тромесечје (април, мај и јуни) и за август, септември и октомври за 2019 години, се констатира зголемена неажурност на судовите.
– За третото тромесечје (за периодот август-октомври 2019 година) беше констатирано дека најголем број судови се неажурни. Единствени ажурни судови се: АС Гостивар, ОС Штип и ОС Св. Николе. Во текот на дискусијата по оваа точка беше истакната потребата да се реши проблемот со неажурноста на судовите, при што, како главен проблем се истакна недоволниот број судии и судска администрација. Сепак, беше напоменато дека во овој период нема тенденција на зголемување на предметите. Од друга страна, беше констатирано дека во овој квартал тече периодот на судска ферија и годишни одмори, поради што секоја година се јавува неажурност на најголемиот број судови, се вели во извештајот.
Подобрување во работата на Советот, има и во делот на избор на нови членови на Судскиот совет. Според извештајот на ИЧП, кој е изработен во рамки на проектот „Акција за поголема транспарентност, отчетност и ефективност на Судскиот совет”, се вели дека за прв пат Судскиот совет објави и посебно соопштение со имиња на кандидатите. Но, од ИЧП додаваат дека од особена важност ќе биде да се објавуваат биографиите на кандидатите, за подобро запознавање на судиите со кандидатите за кои треба да гласаат
Во извештајниов период Судскиот совет, објави оглас за избор на 19 судии во основни судови во државава. Во моментов има само 18 завршени кандидати од Академијата. Со објавувањето оглас за поголем број судии од кандидатите од Академијата се создава можност во некој од судовите да се избере и судија кој доаѓа од друг основен суд во државава.
Периодот на работа (септември до декември 2019 година) на Судскиот совет, ќе биде запаметен и по
неуспешната седница за избор на шест судии за Апелацискиот суд Скопје, по Оглас објавен на 7.2.2019 година.
– Изборот на судии за Апелациски суд Скопје беше ставен на дневен ред, беше констатирано дека има над 60 пријавени кандидати, но членовите не преминаа на гласање. Судскиот совет не даде оправдана причина зошто не премина на гласање и избор на кандидатите, се вели во извештајот на ИЧП.
Освен седниците каде се дискутирало за избор на судии, Судскиот совет, во наведениот период дискутирал и за разрешување на суди. Па така еден претседател на суд е разрешен од функцијата претседател на суд и судија, еден (1) судија е разрешен од вршење судиска функција и за двајца судии е запрена постапката. Донесени се одлуки за времено оддалечување од вршење судиската функција и претседател на суд.