Прокрај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, против поништувањето на лустрацијата се придружија и ДУИ и Демократската партија на Турците поради што не може да се почне комисиската расправа за овој закон, објави претседателот на Комисијата за политички систем Александар Кирацовски.
„Се надевам имаат образложение за нивните постапки. Денешната седница се паузира бидејќи нема кворум, кога ќе имаме услови повторно ќе ја закажам“, рече Кирацовски.
Претходно тој изјави дека очекува ВМРО-ДПМНЕ да го блокира донесувањето на законот со стотици и илјадници амандмани.
„Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира донесувањето на законот. Намерата беше јасна со самиот факт што пратениците на опозицијата стоеја пред салата, за да немаме кворум за расправа. Познати ни се методите на ВМРО-ДПМНЕ, за блокади и не е исклучено да пристигнат стотици и илјадници амандмани. Но, јас ја користам ова прилика да ги повикам да се свестат, да го донесеме законот и да им помогнеме на жртвите на лустрација и да ја исправиме оваа неправда. Ние ќе вложиме напори да се донесе законот и да се заокружи уште реформа во правосудството“, рече Кирацовски.
Пратениците од ВМРО ДПМНЕ рекоа дека ќе влезат во салата кога ќе дојде министерката за правда, Рената Дескоска.
„Ние сме единствена држва во која кодошите ќе добијат пари од буџетот како оштета. Одговорност за кодошите мора да има и морална и политичка“, рече Зоран Илиоски од ВМРО ДПМНЕ.