САД сметаат дека кипарските Грци и Турци треба да ги делат нафтените резерви

Од:

САД бараат Кипар да има право да ги користи резервите на нафта и гас во кипарските територијални води, но очекуваат да видат и договор за обединување на грчкиот и турскиот дел на островот и делење на евентуалните приходи од овие природни ресурси, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Викторија Нуланд, на прашањето дали САД учествуваат во разговори за финансиски спас на банкротираните власти на грчкиот дел на Кипар.

Нуланд одговараше на прашање дали САД се загрижени поради најавите дека Русија, чии бизнисмени се очекува да бидат најголеми губитници во банкротот на кипарските банки, бара учество во нафтеното богатство како компензација, јави дописникот на МИА од САД.

– Не знам што мислите кога зборувате за руска игра во врска со Кипар. Како генерално правило, САД го поддржува правото на Кипар да ги користи енергетските ресурси во територијалните води. Исто така, го поддржуваме процесот за преговори, под покровителството на Обединетите нации, за одново обединување на Кипар во федерација со две зони и две заедници. Веруваме дека островските ресурси во нафта и гас, како и сите други ресурси, треба правично да се поделат во контекст на вкупно решение на спорот, изјави Нуланд.

Таа негираше дека државниот секретар на САД Џон Кери, во неговиот разговор со кипарскиот претседател Никос Анастасијадис на 16 март, имал предлози за решавање на економската криза на островот. Нуланд рече дека Кери единствено му честитал на претседателот за неговиот избор, но ги отфрли, како налудничави, тврдењата дека Кери во разговор со министерот за финансии на Кипар Михалис Сарис дал предлог за оданочување на руските влогови во кипарските банки.

Во меѓувреме, американскиот претседател Барак Обама им порача на Грците да истрајат во економската криза со која се соочени. Обама, по повод националниот празник на Грција 25 март, издаде соопштение во кое се осврна на врските меѓу двете земји.

– Денес и честитаме на Грција, ценет НАТО сојузник, на одбележувањето на 192 годишнината на нејзината независност и ветуваме понатамошна солидарност додека таа земја работи одново да ја изгради својата економија соочена со тешкотии. Америка стои со народот на Грција, убедени дека ќе ги надминат предизвиците на 21 век и ќе ги зачуваат своите древни идеали, пишува во пораката на претседателот Обама по повод грчкиот празник, во која се додава дека основачите на американската држава се воделе од грчките демократски идеали дека демократијата најдобро успева кога се почитуваат взаемните различности. Традиционално, Обама го прогласи 25 март за национален ден на славење на грчката и американската демократија во САД. Белата куќа вообичаено, по повод грчкиот национален празник, организира прием за видни претставници на грчката заедница во САД.

Би можело да ве интересира

Стојановски: Се очекува утре изутрина да има нормализиран автобуски превоз во Скопје

Горан Наумовски

Поскапува дизелот, цената на бензините останува иста

Цените на нафтата скокнаа за над 8 отсто минатата недела поради ескалацијата на Блискиот Исток

Скокна цената на нафтата поради изјавата за нападот на Иран на Израел

Катерина Ѓуровски

Поевтинува мазутот

Поевтинуваат бензините и дизелот