Додека Австралија изминативе две недели гори, а милиони хектари растенија се проголтани од огнената стихија, австралискиот огранок на нафтената компанија „Егзон мобил“ одлучи еден час пред истекот на старата, да им ја честита на сите Новата „безбедна и забавна“ 2020 година.
Најмалку деветмина досега го загубија животот, четири милиони хектари растенија изгореа и околу 500 милиони животни угинаа од пожарите од почетокот на „пожарната сезона“ во септември. Австралискиот главен град Канбера веќе неколку дена е најзагадениот град на светот поради чадот кој се создава од пламенот во сојузните држави Нов Јужен Велс и Викторија.
Голем број луѓе беа евакуирани, а многумина останаа и без својот дом.
И покрај сè тоа, „Егзон мобил Австралија“ одлучи дека е паметен потез да им пожели на луѓето „забавна Нова година“. Многумина на интернет и протестираа против таквата честитка, нарекувајќи ја пораката – идиотска и бесчувствителна
Многу од одговорите на честитката и не се баш погодни за пренесување во јавноста.