Бензиските станици на Кипар се соочуваат со недостиг на гориво и постојат големи шанси од утре да почнат да се затвораат една по една.
Еден од сопствениците на бензиска станица во Никозија изјави дека има огромни проблеми со набавката на бензин. Тој објасни дека сопствениците немаат доволно пари во готово за да ги платат испораките. Обично плаќањето се врши преку платежни картички, но поради блокирањето на електронските банкарски операции тоа сега е невозможно.
– Откако ќе се продаде и последниот литар бензин, бензиските пумпи ќе бидат затворени. Ништо не може да се направи, се жалат сопствениците.
На Кипар јавниот превоз е многу слабо развиен, бидејќи целото работоспособно население се движи со сопствени автомобили.
Истовремено, кипарското Министерство за здравство категорично ги отфрли наводите во медиумите дека има недостиг од лекови.
– Нема никакви прекини на испораките на лекови. Во здравствените домови и во аптеките, како во државните, така и во приватните, снабдувањето со лекови останува на истото ниво, се наведува во соопштението на Министерството, кое уверува дека не постои причина за загриженост.