Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалникот на Општина Илинден Жика Стојановски денеска присуствуваа на почетокот на изградба на нова детска градинака во населеното место Миладиновци.
Новиот објект ќе се простира на површина од 540 метри квадратни со капацитет за згрижување на 90 деца, на возраст од две до шест години, како и деца на возраст од девет месеци до две години, односно ќе се воведат јасли за најмладите.
-Како Влада посветено работиме на зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование за 50 отсто, за што забрано се зголемуваат капацитетите во детската заштита и нема да запреме се додека не постигнеме опфат на деца од 100 отсто. За идната година во Буџетот издвоивме 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години инвестиравме над 180 милиони денари и обезбедени се дополнителни 15 милиони евра од Светска банка за изградба на градинки, рече Царовска.
Министерката истакна дека освен што се зголемуваат капацитетите се работи на подобрување на воспитните програми и на јакнење на кадарот којшто се грижи и ги воспитува децата. Само во последната година, потенцира, платите на вработените во градинките се зголемени за 21 отсто што е најголемо покачување до сега.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 30 милиони денари, од кои 24 милиони денари се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден, додека 6 милиони денари се обезбедени од Министерството за труд и социјална политика.
Новата детска градинка е лоцирана веднаш до Централното општинско основно училиште „Браќа Миладиновци“ и новоизградената амбуланта во населено место Миладиновци, со што ќе се создадат услови за згрижување на најмладите од околните населени места каде што вкупно живеат приближно 4.000 жители.