Од денеска до 28 декември во горното фоаје во Младинскиот културен центар ќе се одржува 10. Мал новогодишен саем на книга во организација на издавачката куќа „Темплум“.
Најнови и најпопуларни изданија на саемот ќе претстават издавачките куќи: „Темплум“, „Бегемот“, „Или-Или“, „Готен“, „Чудна шума“, „Блесок“, „Артконект“ и „Бункер“.
– За љубителите на квалитетната книжевност, подготвен е широк избор – од домашни до светски автори; од белетристика до стрипови; од детска книжевност до теорија. Саемските денови ќе бидат исполнети со богата придружна програма. Ќе бидат одржани дванаесет промоции на книги, три проекции на филмови и ликовна изложба, соопшти организаторот.
Саемот ќе биде отворен вечер од 19 часот со изложба „Фантомима“ и промоција на книгите „Куќа на Марс“ и „Ботичелиев каталог“ од Будимка Поповска-Буде. Последниот ден од саемот, 28 декември, ќе биде посветен на литературата за деца и ќе биде одржана креативна работилница за деца.
Во рамки на саемот ќе биде доделена и наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ на издавачката куќа „Темплум“.