Европската централна банка (ЕЦБ) ќе го прекине финансирањето на кипарските банки на 22 март, доколку не биде изработен нов стабилизациски план, предупреди австриската министерка за финансии Марија Фектер.
Кипарските банки нема да продолжат со работа во петок, ако нема нов стабилизациски план. ЕЦБ ќе престане да им доставува резерви во рамките на кредитната програма на еврозоната, нагласи австриската министерка.
Министрите за финансии од еврозоната се договорија во петокот со Кипар за долгоочекуваниот кредит за економски спас. Кипар ќе добие околу 10 милијарди евра, сума која е значително пониска од првично бараните 17,5 милијарди евра.
Програмата за финансиска помош вклучува вонреден данок (што може да стигне до 9,9 проценти) врз банкарските депозити во кипарските банки, кај сметките поголеми од 100.000 евра.
Кипар во јуни минатата година побара финансиска помош од ЕУ и ММФ, за да ги спаси двете најголеми банки од финансиските тешкотии, што беа жртви на грчката криза. Кредиторите, меѓутоа, не беа подготвени на државата да и дадат 17,5 милијарди евра, стравувајќи дека Кипар нема да може да врати толку голема сума и долгот неодржливо ќе се развлече по доделувањето на помошта.