Напредокот на земјава во енергетскиот сектор беше истакнат на состанокот на Министерскиот совет на Енергетската заедница што се одржа во Кишењев, Молдавија.
На состанокот, како што денеска информира Кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев, бил истакнат напредокот на земјава во спроведувањето на законодавството на Енергетската заедница, односно усогласувањето на националната регулатива со европската легислатива.
Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Јанез Копач ги истакнал позитивните примери за електронски наддавања за изградба на фотонапонски електрани по принципот на премиуми, спроведувањето на обврските поврзани со секторот за електрична енергија, како и изработката на националната долгорочна Стратегија за енергетика до 2040 година.
– По нејзиното усвојување, Северна Македонија ќе биде првата договорна страна на Енергетската заедница со Стратегија за енергетика во согласност со петте димензии за енергија и клима на Европската Унија и многу брзо ќе започнат со изработка и имплементација Националните интегрирани планови за енергија и клима, наведуваат од Кабинетот на вицепремиерот.
На состанокот во Молдавија, која е земја претседавач, биле разгледани реформите за подобрување на функционирањето на Договорот за Енергетска заедница кои треба да го зајакнат механизмот за спроведување на Договорот, вклучително и со нов механизам за спроведување, сличен на оној во ЕУ и воведување нови одредби за олеснување на трговијата со енергија и зајакнување на интеграцијата на пазарот меѓу договорните страни на Енергетската заедница и земјите членки на ЕУ со систем на реципрочни права и обврски. За прв пат, Договорот ќе има задача Енергетската заедница да се бори против климатските промени и ја нагласува важноста на Парискиот договор. Се очекува преговорите да бидат финализирани во првата половина на 2020 година.
Европската комисија ја претставила тековната работа за генералните упатства за политика за годинава за целите до 2030 година и климатската неутралност за Енергетската заедница и нејзините договорни страни. Предлогот за целите од 2030 година се очекува во првата половина на 2021 година, заедно со законодавниот пакет.