Европска комисија денеска го претстави Европскиот зелен план така наречен „Грин дил“ (Green Deal) со кој Европа до 2050 година треба да биде прв климатско неутрален континент, а во исто време да ги зајакне економијата, ќе го подобри здравјето и квалитетот на живот на европските граѓани.
– Европскиот зелен план е нашата нова стратегија на раст кој повеќе дава отколку што одзема. Во планот е опишано како ќе го преобразиме нашиот начин на живот и работа, потоа производството и потрошувачката со цел да живееме поздраво и да работиме поинвентивно. Сите можеме да учествуваме во транзицијата и да имаме корист од можностите што ќе ги донесе, изјави претседателката на ЕК, Урсула вон дер Лајен при претставувањето на Планот во Брисел.
Таа додаде дека може да се докаже дека „Европскиот зелен план е одржлив и конкурентен и ќе можеме да ги убедиме другите земји да го следат нашиот пример“.
Фон дерт Лајен наведе дека Планот содржи 50 практични чекори што треба да се имплементираат до 2050 година.
Претседателката на ЕК предупреди дека реализацијата на Планот нема да биде лесна, но е уверена дека е изводлив и дека се уште не е предоцна.
– Европскиот зелен план е можност за подобрување на здравјето и благосостојбата на нашите граѓани преку трансформација на нашиот економски модел. Разработивме план како да ги намалиме емисиите, да се подобри состојбата со природната средина, заштита на дивиот свет, создавање нови економски можности и подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани. Сите ние играме важна улога во ова. Оваа трансформација ќе ги опфати сите индустрии и сите земји. Покрај тоа, наша одговорност е да се осигураме дека оваа транзиција е фер и дека никој не е занемарен во спроведувањето на Европскиот зелен план, изјави извршниот потпретседател на ЕК, Франс Тимерманс.
Европскиот зелен план предвидува мерки за поттикнување на ефикасноста на ресурсите со преминување кон кружна економија, запирање на климатските промени, враќање на трендот на загуба на биолошката разновидност и намалување на загадувањето на животната средина.
Со планот опфатени се сите сектори на економија од транспорт, енергетика, земјоделство и градежништво до индустриите како челик, цемент, текстил, хемикалии и друго.
ЕК во рок до сто дена ќе го претстави првиот „европски закон за климата“, а исто така подготвува и стратегија за биоразновидност до 2030 година, нова индустриска стратегија и акциски план за кружна економија.
Исто така се најавува и стратегија за одржливо производство и дистрибуција на храна, како и план за намалување на емисија на штетни гасови за најмалку 50 проценти до 2030 година во споредба со нивото од 1990 година.
ЕК наведува дека за остварување на тие цели потребни се големи вложувања. Се предвидува дека за остварување на сегашните климатски и енергетски цели до 2030 години ќе бидат потребни 260 милијарди евра дополнителни вложувања годишно, а ќе треба да се мобилизира и јавниот и приватниот сектор.
За регионите кои се во голема мера зависни од фосилни горива и најтешко погодени од климатските промени, ЕК предвидува поддршка преку фер транзициски механизам, кој ќе вклучи посебен фонд под политика на кохезија во новиот долгорочен буџет на ЕУ.
ЕК предупредува дека предизвиците на климатските промени и деградацијата на животната средина се глобален проблем што бара глобален одговор и ги повикува третите земји и меѓународните организации да вложат поголеми напори да се борат за спас на планетата.