Кандидатот за градоначалник на Охрид на коалицијата „За подобра Македонија“ Никола Бакрачески на денешната прес-конференција ги отфрли тврдењата што се пласираат меѓу вработените во општинската администрација и во јавните претпријатија за масовни отпуштања што би следеле по неговата победа на претстојните локални избори.
– Бакрачески Никола во својата кариера не се случило да отпушти ниту еден вработен од работа. Бакрачески Никола е познат по тоа што вработува луѓе. И не само тоа, Бакрачески Никола е човекот кој во 2007/2008 година ги врати на работа во Заводот за кардиоваскуларни заболувања најголем дел од луѓето кои во текот на 2004 година беа бездушно избркани од работа и оставени на улица од страна на истомислениците на Петрески, иако беа социјално најзагрозени категории граѓани, не покажувајќи ниту грам совест и грижа за нивните маки и јадови. Јас како директор на Заводот за кардиоваскуларни заболувања од Охрид не се случило да не исплатам ниту една плата, не се случило да задоцнам ниту една плата, не се случило да не исплатам ниту еден денар за ниту една минута од ангажманот на моите вработени било тоа да е во редовно или прекувремено работно време, рече Бакрачески.
Во таа насока нагласи дека никогаш повеќе администрацијата нема да се користи за пополнување протести, митинзи и автобуси, туку ќе биде администрација за респект.
– Јас знам дека месеци наназад вработените во општинската администрацијата беа малтретирани, тероризирани, живееја под закани и уцени при што јасно укажувам дека тоа е недозволиво и дека никогаш повеќе нема да се повтори ниту кон нив, ниту кон вработените во јавните претпријатија, ниту кон вработените во образованието. Газењето врз нивното достоинство е срам за оваа гарнитура на локалната самоуправа и овој градоначалник и јас ќе се ставам во нивна заштита, рече тој најавувајќи санкции за сите кои посегнале да им прават мобинг на работните места, кои им се заканувале, ги заплашувале и уценувале со нивната работа или по нивната плата и примања.
Тој истакна дека актуелниот градоначалник Александар Петрески вчера продолжил да ги навредува граѓаните на Охрид, интелектуалците, докторите, занаетчиите, културните работници, проширувајќи ја листата навреди врз вработените во Заводот за кордиоваскуларни заболувања, како што рече, плукајќи врз сето она што заедно макотрпно, посветено и напорно го градевме со години, многу често жртвувајќи го своето слободно време одрекувајќи се од своите задоволства за да спасиме илјадници животи во кое било време од денот и ноќта.
– Истите принципи и постулати со кои јас го водев Заводот за кардиоваскуларни заболувања од Охрид имам намера со уште посилно темпо, крајно посветено и раководен исклучиво од љубов кон Охрид, имам намера да ги спроведам во функционирање на идната нова и европски ориентирана локална самоуправа и јавните претпријатија кои произлегуваат од нејзе, истакна Бакрачески.
Тој повтори дека идната локална самоуправа на Охрид ќе стане пример како посветено и одговорно да се управува со градот.
– Таа мора да биде симбол на квалитет, чесност, принципиелност и законитост. Во таа посветеност прв и основен сегмент треба да биде начинот на работа на општинската администрација која ќе биде деполитизирана и професионална како што доликува и согласно законот, и исклучиво ставена во сервис на граѓаните на Охрид, рече Бакрачески.