Меморандумот за разбирање со кој наводно се дефинира морската граница меѓу Турција и Либија предизвикува „сериозна загриженост“, изјави новиот шеф на европската дипломатија Жозеп Борел пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
– Јасно е дека тој документ создаде сериозна загриженост. Изразуваме солидарност и даваме поддршка за Грција и Кипар, истакна Борел, додавајќи дека меморандумот е проблематичен за тие две земји и може да претставува проблем за грчките острови.
Според него, властите на ЕУ го испитуваат документот.
– Очекувам дека ќе заземеме став по анализите на содржината на меморандумот за разбирање, кој до пред неколку дена не беше тајна, но беше непознат, нагласи Борел.