Демократската унија за интеграција попладнево одржа предизборен митинг во дворот од основото училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во општина Теарце.
Претседателот на партијата, Али Ахмети од присутните побара подршка за нивниот кандидат за градоначалник Исен Асани, кој по втор пат се кандидира за градоначалничката функција, како и за листата за советници за општина Теарце.
– Вие ги гледате пред вас наредните млади водачи на вашата општина. Тие со многу труд и работа ќе ви го подобрат животот во сите сегменти. Знаете дека градоначалникот на Теарце, Исен Асани кој ќе добие уште еден мандат многу направил за вашата општина. Новите млади советници од ДУИ ќе му бидат од голема помош за дореализација на неговите проекти. Ние од ДУИ изминативе 12 години само напредуваме и тоа треба да се цени. Но, да знаете дека тие успеси се и ваши, бидејќи без вашата подршка ние ништо не би можеле да реализираме. Централната власт со која раководи нашата партија ќе му дава континуирана подршка на Асани, кој ќе работи за доброто на сите вас, рече Ахмети повикувајќи ги граѓаните својот глас да го дадат за Асани.
Кандидатот за градоначалник Асани вети продолжување на работите за олеснување на животот на жителите во општината.
– Асфалтиравме многу улици и изградивме спортски сали со подршка на владата. Изградивме водоводи во повеќе села во општината кои во иднина ќе бидат приклучени на еден зеднички водовод. Во програмата ни се иградба на мали хидроцентрали на повеќе реки низ Шар Планина за што имаме изработено и физибилити студија. Ќе воспоставиме добри услови за странски, но и домашни инвестиции. Приоритет ни е и развој на туризмот на Шар Планина преку промоција на нејзините природни вредности, нагласи Асани.
На присутните на митингот од ДУИ во Теарце им се обрати и носителот на листата за советници Геми Беќири. Покрај овој ДУИ денеска во Тетовско одржа предизборни митинзи во Орашје, општина Јегуновце и во тетовското село Порој.