Членката на британскиот парламент Фиона Мек Тагарт од Беркшир остави порака на Твитер за која не очекувала дека ќе има ефект како што постигна.
Имено, оваа членка на Лабуристичката партија на својот Твитер профил вети дека ќе донира една фунта во добротоворни цели за секое препратување, односно т.н. ретвит. Пораката ја напишала во 20.25 часот и оставила рок до 21 часот, јави Би-Би-Си.
Во следните 35 минути нејзината порака била „ретвитувана“ 14.268 пати.
Таа изјави дека ја изненадил толку големиот број, но дека не жали поради тоа и покрај фактот дека била „малку наивна на Твитер“.
Таа злобните обвинувања кои се појавија по ова, дека овој трошок би можела да го надомести од буџетот, ги нарече „бедни“.
– Знаев дека би можело да има повеќе ретвитови отколку што очекував, рече Мек Тагарт и додаде дека очекувала да подари околу 10.000 фунти. – Тоа беше ризик што сама го преземав, додаде таа.
Фиона Мек Тагарт е ќерка на покојниот мултимилионер од Глазгов, Јан Мек Тагарт.